Горниот дом на австрискиот парламент го усвои законот за задолжителна вакцинација

пред 3 години

Горниот дом на австрискиот парламент вечерва по неколкучасовната седница го усвои законот за задолжителна вакцинација, за чие стапување во сила сега е потребен само потпис на претседателот, Александер ван дер Белен.

Со гласови на 80 отсто од пратениците, покраинскиот дом го усвои законот со кој во Австрија ќе се воведе задолжителна вакцинација против коронавирусот.

Интересно е што двајцата пратеници на Социјалдемократската партија на Австрија (СПО), Давид Егер од Салцбург и Хорст Шахнер од Штаерска, гласаа против партискиот став, заедно со сите десет пратеници на Партијата на слободата (ФПО), против законот.

Седницата беше полна со енергични обвинувања, вклучително и онаа на ФПО дека Австрија е управувана од „вакцински фашисти“.

Иако законот одмина уште една важна пречка на патот кон стапување во сила, тој содржи голем број нејаснотии.

Имено, законот предвидува од средината на март да почнат контроли и казнување на невакцинираните, како и казни до 600 евра.

Контролите ќе ги врши полицијата при сите нивни рутински контроли, вклучително и сообраќајните.

Но, статусот на граѓаните кои биле вакцинирани во странство со вакцини кои не се одобрени од Европската агенција за лекови (ЕМА) останува и натаму отворен.

Share
Scroll to Top