Фон дер Лаен: ЕУ подготвува пакет санкции за Русија

пред 3 години

Европската Унија подготви сеопфатен пакет санкции за Русија доколку продолжи со својата агресија против Украина, изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен за германските весници.

Русија, која го зазеде Крим од Украина во 2014 година и ги поддржува сепаратистите на истокот на земјата, собра околу 100.000 војници во близина на украинската граница и бара НАТО да не ја прими Украина во членството, пишуваат медиумите.

„Подготвивме сеопфатен пакет финансиски и економски санкции кои вклучуваат одбивање пристап до странски капитал и контрола на извозот“, рече претседателката на Европската комисија.

Во пакетот санкции е вклучен и контроверзниот гасовод „Северен тек 2“, кој минува под Балтичкото Море.

„Дали гасоводот ќе биде пуштен во употреба зависи од тоа како Русија ќе се однесува“, рече Фон дер Лаен.

„Санкциите ќе ги почувствуваат руските олигарси и другите блиски соработници на Путин“, додаде таа.

Русија подготвува серија оправдувања за инвазијата на Украина, од кои едно е пропагандно видео на кое се прикажува инсцениран напад, соопштија САД во четвртокот, додека Кремљ го осуди позиционирањето на американските трупи во регионот.

Кремљ истиот ден го обвини Вашингтон дека ги игнорирал нивните повици за смирување на тензиите, откако САД во средата објавија дека ќе испратат околу 3.000 војници во Полска и Романија.

Share
Scroll to Top