Додека сите очи моментно се вперени кон Unpacked настанот на Samsung за лансирање на Galaxy S22 серијата, закажан за 9. февруари, WinFuture наиде на неколку официјални рендери од претстојниот Galaxy A53 5G. Се очекува уредот да биде еден од клучните производи на Samsung линијата за 2022 година и успешно да ја замени серијата Galaxy A52.
Во основа, А53 е сличен на минатогодишниот А52. Уредот ќе го краси 6,5-инчен FHD+ AMOLED екран заедно со стапка на освежување од 120 Hz и централен засек за селфи камера од 32 MP. Samsung ќе продолжи да користи пластика на рамката и задната страна, а димензиите се очекува да останат идентични како оние на A52.
Одзади сè уште има четири камери со главен сензор од 64 MP и ултраширок модул од 12 MP и два сензора од 5 MP за макро снимки и податоци за длабочина. Единствената мала разлика во дизајнот е тоа што модулот на камерата ќе има поконкавна форма во споредба со квадратниот изглед на неговиот претходник.
Вториот, позначаен дел ќе биде под хаубата каде, според гласините, ќе се наоѓа се уште ненајавениот Exynos 1200 чипсет. Чиповите треба да понудат вкупно осум јадра од кои две ќе работат на 2,4 GHz, додека останатите шест ќе работат со брзина до 1,8 GHz. RAM меморијата ќе биде достапна во варијанти од 6 или 8GB, додека просторот за складирање ќе почнува од 128 GB. Сепак, ќе можете да го проширите преку вградениот слот за microSD картичка.
Што се однесува до батеријата, очекуваме ќелија од 5.000 mAh со поддршка за жичано полнење од 25W. Основната опрема од 6/128 GB се очекува да биде лансирана во Европа по цена од 460 евра.