Британскиот премиер Борис Џонсон најави дека планира да ги укине сите преостанати законски ограничувања поврзани со коронавирусот овој месец, вклучително и изолација во случај на зараза, пишува Анадолија.
Џонсон одговараше на прашања во Долниот дом на британскиот парламент и во таа прилика рече дека владата има намера да ја претстави својата „стратегија на живот со коронавирус“.
„Се надевам дека ќе можеме да ги укинеме последните локални ограничувања еден месец порано, вклучително и законска обврска да се изолираме ако тестот е позитивен, под услов да продолжат тековните охрабрувачки трендови во податоците“, рече Џонсон.
Бројот на случаи на коронавирус во Британија се намалува од неговиот врв на почетокот на јануари.
Вчера во земјава се откриени 66.183 нови случаи на коронавирус, а од епидемијата починале 314 лица.
Во случај на инфекција со коронавирус во Велика Британија, планирано е укинување на мерките за изолација од 24 март.