Ѓоргиевска: Потребни се поголеми напори за мотивирање и вклучување на жените во науката

пред 3 години

По повод 11 февруари – Меѓународниот ден на жените и девојките во науката, на иницијатива на сопругата на претседателот на Република Северна Македонија, Елизабета Ѓоргиевска, се одржа панел дискусија за улогата, застапеноста и видливоста на жените во науката, како и предизвиците со кои се соочуваат.

Учеснички на панел дискусијата беа жени научнички од земјава, а свои излагања имаа професорките Јана Клопчевска, Јадранка Блажевска – Гилев и Емилија Фиданчевска од Технолошко-металуршкиот факултет, Марина Стефова од Институтот за хемија на Природно – математички факултет и Ариета Алиу, стручен наставник во тетовскиот Училишен медицински центар „Никола Штејн“.

Ѓоргиевска истакна дека родовата еднаквост и дисбалансот се сѐ уште предизвик во однос на целосен и еднаков пристап на жените и девојките до науката и учеството во неа.

„Жените обично добиваат помали грантови за истражување во споредба со нивните машки колеги. Иако тие претставуваат 33.3% од сите истражувачи, само 12 % од членовите во националните научни академии се жени. Жените сѐ уште сочинуваат мал процент од дипломирани инженери, и честопати имаат пократки и помалку платени кариери и нивната работа е недоволно застапена во научните списанија“, посочи Ѓоргиевска. Таа додаде дека постигнувањето на глобалната родова еднаквост и развојот во науката се два клучни аспекти на меѓународните цели за одржлив развој до 2030 година.

Според Ѓоргиевска неопходно е вмрежување и поврзување на науката со бизнис заедницата со цел зголемување на иновативниот потенцијал во државата.

Таа оцени дека е неопходно поголемо учество на жените и девојките во јавни дебати, изразувајќи надеж дека преку вакви отворени дискусии и со поголема вклученост на надлежните институции, жените и девојките ќе бидат дел од решенијата за надминување на предизвиците со кои се соочуваме.

Меѓународниот ден на жените и девојките во науката годинава се одбележува под мотото „Еднаквост, разновидност и инклузија: водата нѐ обединува“ и во таа насока на панелот се дискутираше за влијанието на науката во справување со климатските промени, од аспект на зачувување на водните ресурси и обезбедување пристап до чиста и безбедна вода, со цел заштита и спречување на болести.

Беа разгледани аспектите на влијанието на науката и технологијата во подобрување на квалитетот за живот, потребата од инвестирање во науката и еколошката технологија со цел изнаоѓање на решенија за подобрување на животната средина, како и за начините на кои жените научнички можат да придонесат во подобрување на достапноста на чиста вода за пиење и за хигиенски потреби.

Во дискусијата учествуваа и асистентките Марија Прошева, Ива Димитриевска, Деспина Костадинова и магистрант Ема Стојчевска.