Делегација предводена од министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, престојува во работна посета на Софија, каде денеска се одржа втората средба на Работната група за транспорт, енергетика и локална самоуправа, помеѓу македонската и бугарската влада.
Како што информираат од ресорното министерство, двете страни се согласиле на зголемување на квотата на дозволи на 1.500 годишни дозволи за транспорт на стоки за и од трети земји.
Исто така, од МТСП информираат дека Комисијата направила значителен напредок во преговорите за целосна либерализација на товарниот транспорт.
За утре предвидена е посета на бугарска делегација составена од министерот за транспорт и комуникации, Николај Сабев, министерот за туризам, Христо Проданов, заедно со триесетина тур-оператори, на која средба ќе се разговара за развој на туризмот меѓу двете земји.
„Во делот на инфраструктурниот развој, двете страни се согласија да се иницира средба со претставници од Европската комисија во насока за финансиска поддршка за доизградба на коридорот Софија – Скопје – Тирана – Драч, кој би придонел за подобро поврзување и забрзан економски развој на регионот“, се наведува во соопштението за средбата.
На работната група присуствувал и министерот за локална самоуправа, Горан Милевски кој заедно со бугарскиот колега, Гроздан Караджов, разговарал за понатамошната соработка меѓу двете земји во делот на прекуграничната соработка и реализација на проекти финасирани од ИПА 3 компонентата, како и за отворање на граничниот премин Клепало кај Берово.
„Во однос на соработката на енергетскиот сектор беше договорена изработка на физибилити студија за изградба на интерконекторот Струмица – Петрич. Двете страни се согласија за користење на капацитетите на резервоарите за природен гас на Бугарија, како и заедничко партнерство во изградбата на LNG терминалот во Александрополис, Грција“, стои во соопштението.