Првиот вицепремиер и министер за Политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби денеска оствари работна средба со амбасадорот на Република Албанија во Скопје, г. Фатос Река.
Првиот вицепремиер Груби и амбасадорот Река разменија мислења за актуелните билатерални односи меѓу Северна Македонија и Албанија и потребата од нивно интензивирање за успешно надминување на предизвиците кон интеграција во Европската Унија.
Амбасадорот Река на оваа средба му честиташе на Груби за повторното именување на позицијата прв вицепремиер и министер за Политички систем и односи меѓу заедниците, посакувајќи му успех и ефикасно продолжување на институционалната координација со Република Албанија во интерес на граѓаните на двете земји.
Првиот вицепремиер Груби му се заблагодари на амбасадорот Река за честитката и ја изрази важноста од меѓусебната поддршка што двете земји треба да си ја дадат една на друга во приоритетите за подобрување на животниот стандард на граѓаните и унапредувањето на нивото на комуникација и соработка како и ефикасната трговија преку создавање современи инфраструктурни предиспозиции.
Груби го информираше амбасадорот Река за фазите на реализација на значајните проекти кои ќе придонесат за една поефикасна инфраструктурна интерконекција меѓу двете земји како што се: Коридорот 8, Патот на Арбер, поврзувањето на енергетскиот пренос Битола – Елбасан и други големи проекти.
Груби и Река се согласија дека Северна Македонија и Албанија едногласно продолжуваат да го одржуваат конструктивното партнерство преку взаемна помош и поддршка за постигнување на заедничките стратешки цели, полноправното членство во Европската Унија.
На крајот на состанокот, двајцата соговорници разменија мислења и за добрососедските односи и строгото спроведување на Охридскиот Рамковен Договор во согласност со Уставот на Република Северна Македонија, со посебен акцент на почитувањето на јазичната рамноправност и институционалната застапеност.