Со 303 гласа „за“, ниту еден глас „против“ и ниту еден воздржан, на вонредниот конгрес на ВМРО во Бугарија беше избрано раководството на партијата. Нови лидери се Ангел Џамбазки, Искрен Веселинов и Александар Сиди. За почесен претседател е избран досегашниот лидер Красимир Каракачанов, пренесе БГНЕС.
Ангел Џамбазки е европратеник од втор мандат и заменик-претседател на ВМРО. Искрен Веселинов е актуелен заменик-претседател и претседател на групата пратеници во бугарското собрание. Александар Сиди е поранешен член на националното раководство и пратеник во парламентот.
За генерален секретар со 306 гласа „за“ е избран досегашниот организационен секретар и пратеник во 44. Народно собрание, Јулијан Ангелов. Продолжува изборот на останатите раководни органи на партијата.
„Им благодарам на сите кои најдоа храброст да дојдат, бидејќи земјата минува низ исклучително тешки времиња, истакна досегашниот лидер на ВМРО Красимир Каракачанов на отворањето на конгресот.
Според него, владата на Кирил Петков е уште еден експеримент направен од надворешни лоби кругови.
„Сведоци сме на уште еден експеримент, каде некои надворешни лидери сакаат да ги избришат не само последните 32 години, туку и целата бугарска историја“, рече Каракачанов.
Тој додаде ВМРО никогаш не направила компромиси, а 80 отсто од Бугарите се против бугарското отстапување од спорот со Северна Македонија.