Две дојави за пожар имало по 17 часот во Скопје. Едната била за трафостаницата во Пинтија, каде се утврдило дека не гори таа, туку во нејзина непосредна близина, а другата дојава е за во Бунарџик каде имало експлозија. Во Пинтија било интервенирано со две возила, па биле повикани и други екипи од Автокоманда, а горела сува трева која се запалила од искри на далноводот.
„Поради сериозноста на објектот, беше испратена дополнителна помош. На лице место видовме дека не е пожарот во трафостаницата, туку близу далноводот. Беше запалена сува трева. Пристапено е за гаснење. Заради пуштање на далноводот, останаа екипите. Од информациите на МЕПСО кажаа дека се е во ред. Поради неколку кратки прекини, претпоставуваме дека причина за пожарот се испадите во претходниот час. Имавме дојава за експлозија на далновод и во индустриската зона Бунарџик“, кажаа од скопската пожарна.
Трафостаницата во Пинтија се исклучила поради активирање на заштитата. Бидејќи трафостаниците во Бунарџик и Пинтија се меѓусебно поврзани, постои можност, испадите од мрежата да се предизвикани од едната, па проширени и на другата.