Вечерва се одржа седница на Централниот одбор на СДСМ, која поради заштита на здравјето се одржа онлајн, преку дигитална платформа.
Членовите на Централниот одбор дискутираа за повеќе актуелни теми, со фокус на мерките кои ги презема владата за подобрување на животниот стандард на граѓаните, зголемување на платите и пензиите, одговорот на енергетската криза и мерките за заштита на здравјето на граѓаните.
Претседателот Ковачевски посочи дека Владата работи на дополнително зголемување на пензиите за 320.000 пензионери, односно финансиски пакет за оваа година, како поддршка во енергетска и здравствена криза.
Централниот одбор го именуваше потпретседателот Стефан Богоев за Директор на Центарот за истражување и анализа на СДСМ.
„ Останувањето на потпретседателот Богоев во партијата, кој во изминатите години извршуваше повеќе јавни функции, беше пратеник, градоначалник, со својот потенцијал, искуство и знаење ќе придонесе кон јакнење на капацитетите на СДСМ, подобрување на ефикасноста, начинот на работа и ќе допринесе во градење нов систем и пристап на градење и реализирање на политики“ соопштија од СДСМ.
Централниот одбор донесе одлука со којашто започнува постапката за избор на претседатели и членови на секретаријати на 19 партиски комисии, стручни работни тела на СДСМ, кои имаат важна улога во креирањето и евалуацијата на мерки и политики на партијата.
Преку отворен повик кој јавно ќе биде објавен, вклучително и на интернет страната на СДСМ, сите заинтересирани членови и симпатизери кои ги исполнуваат условите, кои се стручни и компетентни, можат да поднесат кандидатури.
Со изборот на нови претседатели и членови на секретаријати, како што велат од партијата, се заокржува процесот за комплетирање на партиските тела согласно новиот концепт на работа.