Министерството за надворешни работи на Украина ја предупреди Русија за последиците од признавањето на самопрогласените Луганска Народна Република (ЛНР) и Донечка Народна Република (ДНР), наведувајќи дека нема да има правни последици, но дека Руската Федерација ќе се соочи со одговор од светската заедница.
Во соопштението се наведува дека признавањето на ЛНР и ДНР ќе значи дека Русија свесно се повлекла од договорите од Минск и дека таквиот чекор ќе зададе сериозен удар за политичко-дипломатско решение на ситуацијата во Украина.
Исто така, се наведува дека во тој случај Русија нема да може да ја претстави администрацијата на териториите од регионите Луганск и Донецк како „независен субјект“, ниту ќе може да ја прикрие својата инволвираност како една од страните во вооружениот конфликт во Донбас.
Државната дума на Русија претходно денеска усвои предлог-резолуција за признавање на самопрогласените ДНР и ЛНР.
Претседателот на Долниот дом на Парламентот, Вјачеслав Володин изјави дека документот веднаш ќе биде испратен до претседателот на државата, пренесе РИА Новости.
„Пратениците сметаат дека признавањето на ДНР и ЛНР ќе создаде основа за обезбедување сигурносни гаранции и заштита на жителите на тие републики од надворешни закани, како и за зајакнување на меѓународниот мир и регионалната стабилност“, нагласи Володин.