Јанакиески дециден дека нема вина за “Топлик”, за него случајот е апсурден

пред 3 години

За Миле Јанакиески, ексминистер за транспорт и врски, како и обвинет во “Топлик”, случајот е апсурден. Посочи дека постапувал според законот, па затоа формирал комисија и праша: “Каде е тука мојата вина?”.

Тој шест часа е во судницата каде се даваат завршни зборови. Дополнително, посочи дека во случајот нема штета на буџетот, а со тоа ниту случај.

“Апсурдно е тврдењето почитувани дека сум ги знаел информациите од првиот записник кога не постои ниту вербален ниту материјален доказ дека тој Записник е доставен до мене, ниту пак истиот е насловен до мене. Обвинет сум дека сум ги знаел информациите од првиот Записник – не постои ниту вербален ниту материјален доказ дека тој Записник е доставен до мене, ниту пак истиот е насловен до мене. Тврдењата во обвинителниот акт не се поткрепени со докази, а притоа, не се следени ниту законите во државата”, кажа Јанакиески.

Тој истакна дека договорот не се реализирал поради одлуката на Уставен суд во 2010 година, па додаде: “Апсурдно е дека во 2007 година сум знаел што ќе се случи, како и дека по вина на Комисијата не се реализирал проектот. Со поништување на планот со одлука на Уставен, не можел да се реализира, а за тоа ние не сме виновни”.

Јанакиески е дециден дека нема вина и праша зошто само тој да одговара за исплаќање затезна камата, ако државата секоја година иплаќа 14 милијарди евра: “Во овој предмет не постои ни еден доказ кој може да доведе до осудителна пресуда од кој може да се утврди вина.”

Со извадок од делото “Процес” на Кафка тој рече: “Егзистенцијализмот како тема е човековата интелектуална свест и сето она што човекот како поединец го доживува во борбата со системот за да ги докаже своите права или да ги добие своите права или да ја докаже својата невиност. Сите ние сме дел од системот и сме дел од општеството и како поединци можеме и мораме да се бориме за сè што е поврзано со нашиот живот и со повредата на нашите права” посочи Јанакиески пред судиите.