Владата предводена од СДСМ за четири и пол години двојно ја зголеми минималната плата, рече во денешната изјава за медиуми Лидија Тасевска, пратеничка на СДСМ.
Таа потсети дека од први април 80.000 работници ќе добиваат минимална плата од најмалку 18.000 денари, односно 3.000 денари повеќе од она што како минимална плата го добиваа досега.
„Следува и ново зголемување на пензиите откако со редовното законско усогласување минатиот месец истите се зголемија за 2.9 отсто. Новата методологија за повисоки пензии ќе се донесе низ дијалог со сите засегнати страни кој почнува уште утре“, нагласи Тасевска.
Таа посочи дека покрај зголемувањето, се разговара и за воведување на дополнителен финансиски пакет за пензионерите со цел да и се помогне на оваа категорија граѓани во справувањето со последиците од енергетската и економската криза.