ВМРО-ДПМНЕ: Дипломатијата на СДСМ и ДУИ водена од презентер на вести и непотизам

пред 3 години

Владата администрирана од Пиунот Ковачевски се заплетка со скандалот за именување на конзули во Њујорк и Чикаго, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

„Откако неколку медиуми врз основа на владини извори потврдија дека Владата на затворена седница ги именувала тв презентерката Бесмира Ејупи за генерален конзул во Њујорк, а Петрит Муслиу за генерален конзул во Чикаго, денес владата невешто демантира. Патем демантот е делумен , односно се однесува само за изборот на Бесмира Ејупи, а не и за Петрит Муслиу, синот на провладиниот аналитичар Алберт Муслиу“, се посочува во писмената реакција од оваа партија.

Ова, според ВМРО-ДПМНЕ отвора нови дилеми.

„Прво, дали владата ја лаже македонската јавност, сега откако пукна скандалот и се обидува да фалсификува и крие одлуки од затворената седница, бидејќи медиумите ја потврдија веста од повеќе владини избори претходно? Второ, зошто чекаа 24 часа за да ја демантираат веста и дали во овие 24 часа била направена злоупотреба? Трето, зошто демантираат само за иборот на Бесмира Ејупи, а не и за изборот на Петрит Муслиу, синот на аналитичарот Алберт Муслиу кој можеби е поскандалозен случај? Молкот значи одобрување. Четврто, според кој критериум Муслиу синот бил избран за конзул во Чикаго и дали при изборот одлучна била активноста на аналитичарот Муслиу таткото во изминатиот период во одбрана на владата на СДСМ и ДУИ?“, прашуваат од партијата на Мицкоски.

Оценуваат дека е срамно и крајно потценувачки, што пиунот Ковачевски, како што велат, се крие и молчи за овој скандал „од кој се гледа дека дипломатијата на сдсм и дуи е водена од презентер на вести и непотизам“. Оставаме простор, додаваат од опозициската партија, Ковачевски и воопшто да не бил информиран бидејќи коалициските партнери го сметаат за небитен во кадровската политика.