Поранешниот капитен на македонската фудбалска репрезентација, Горан Пандев, неодамна потпиша за Парма и најави дека таму ќе ја заврши кариерата, иако сите очекуваа дека ќе остане во Џенова. Пандев, во последниот ден од зимскиот преоден рок, направи изненадувачки трансфер, а сега во интервју за италијанските медиуми кажа дека згрешил што не заминал во пензија по Европското првенство.
„Сакав да останам во Џенова до крајот на сезоната, но ми стана јасно дека во клубот сакаат да си одам. Бев шокиран, немав друг избор, доколку останев ќе требаше да дремам на клупата. Ми беше тешко кога ја напуштив Џенова, четири дена не спиев по трансферот во Парма“ рекол Пандев и додал:
„Можеби направив грешка што не се пензионирав по Европското првенство. Имав желба да ја завршам кариерата пред навивачите на Џенова. Сега најважно е Џенова да опстане во лигата, доколку се случи тоа со задоволство ќе дојдам на стадионот да ги поздравам навивачите“.