Очите на син ми Давид ме инспирираа да го создадам ликот на рисот Ристе: Интервју со авторката на детски книги Весна Константинова

Очите на син ми Давид ме инспирираа да го создадам ликот на рисот Ристе: Интервју со авторката на детски книги Весна Константинова

пред 3 години

Весна Константинова е дипломиран фармацевт, копирајтер, авторка на детските книги со рисот Ристе и мајка на два сина. Себеси се опишува како човек кој сака изненадувања, патувања, готвење, спорт и рекреација.

Таа годинава по третпат на Водици влезе во водите на Охридското Езеро, па во интервју за „Репотер“ ни раскажа од каде желбата и мотивацијата да го стори тоа.

„Чувството е преубаво и не се споредува со ништо друго, со радост ја очекувам и следната година и се надевам дека ова и понатаму ќе продолжи да ми биде традиција. Во 2020 идејата спонтано ми се појави, кога се соочив со големи промени во мојот живот. Самиот чин за мене имаше повеќекратно значење, и не само што симболично означи нов почеток во мојот живот, туку на еден начин беше и доказ за вербата и благодарност кон Господ за сè што ми дал во животот, и добро и лошо“, вели Весна.

Таа вели дека годинава воопшто не се подготвувала бидејќи не планирала да биде дел од централната церемонија и да плива до пристаништето, за разлика од првиот пат.

„Знаев дека ќе ми треба само верба, и евентуално греана ракија по излегувањето од студената вода“, се шегува Весна, па додава: „Иако температурата на воздухот беше под нулата, денот беше сончев и овој пат навистина уживав во водата и не ми студеше како претходните години“.

Весна се потсети на своето прво влегување во светите води, кога успеала да исплива до пристаништето, како што вели таа, донекаде била подготвена, но само физички.

„Иако знаев дека ме очекува релативно долго пливање во студена вода, не претпоставив дека водата ќе биде и разбранувана од другите луѓе кои наеднаш влегоа во неа. Кога стигнав на половина пат до пристаништето забележав дека некои од пливачите се враќаат, почувствував и дека телото ми трнее од студот, низ мислите како да ми пролета и сцена од Титаник, подразмислив за миг дали да се вратам и јас, но сепак не се откажав. Сметам дека вербата ми помогна да издржам до крај“, искрена е Весна.

Константинова е авторка на три илустрирани книги со едукативна и забавна содржина за деца од 3-10 години. Во 2019 година, таа ги издаде своите први две книги „Рисот Ристе и пријателите од Африка”, и „Рисот Ристе и пријателите од Јужна Америка”, кои се преведени и на албански јазик, дел поддржани од Министерството за култура. Следната година ја издаде и третата „Рисот Ристе и пријателите од Италија”.

„Низ приказна, на еден забавен и ненаметлив начин им се посочува на децата колку е важно да си помагаме, да ја чуваме природата, здраво да се храниме, да спортуваме, да се дружиме, да ги прифатиме различностите но и да ја чуваме нашата традиција“, вели Весна за „Репортер“.

Книгите ги создала буквално преку ноќ, без никаква претходна идеја или замисла. Првично биле измислени приказни кои му ги раскажувала на синот Михаил пред спиење, а подоцна почнала да ги запишува сличните приказни. Неколку години подоцна, Михаил ги искуцал, а таа го потсредила текстот. Очите и насмевката на другиот син Давид, кој тогаш бил бебе, ја инспирирале да го создаде ликот на Ристе. Таа ги осмислила сите ликови и илустрации до најситен детаљ, а илустраторот Никола Темков успешно ги пренел на хартија.

„Иако по професија сум дипломиран фармацевт и сè уште не знам зошто, пишувам од дете, бидејќи пишувањето ме исполнува. Мајка ми вели дека самоиницијативно сум ги научила буквите на двегодишна возраст, а веќе на четири сум му пишувала писма на татко ми кој тогаш бил во војска“, вели Весна, која отсекогаш мечтаела да напише книга.

Таа лани во мај ја започна акцијата „Биди хуман, сподели радост, израдувај непознато дете“, со цел да се израдуваат децата од ранливите категории. Уште на самиот почеток доби поддршка од книготека „Икона“, Сузана Турунџиева и Атиџе Муратова, а потоа се приклучија и голем број на други лица и претпријатија. Тие подарија над 800 книги со „Рисот Ристе“ на територијата на цела Македонија. Акцијата сè уште е во тек.

„Концептот е интересен, но и многу едноставен, секој кој ќе купи книга потребно е на неа да напише посвета за непознато дете или да нацрта смајли и да ја подари или да ни ја врати за ние да ја подариме во негово име“, вели Весна.

Првите книги им беа подарени на децата кои лани летото беа хоспитализирани во Детската клиника во Скопје и Белодробната болница Козле, а потоа и на децата со вродена срцева маана кои беа дел од кампот „Моето срце во сите бои” во Струга, децата од дневните центри за деца со посебни потреби во Тетово и Гостивар и многу други.

Весна веќе ја најави четвртата книга, чие дејство ќе се одвива во зима, на еден од најубавите планински врвови во Македонија. А во иднина би сакала да напише автобиографија, во вид на мотивациона книга.

„Јас верувам дека љубовта победува сè, кон себе и кон другите, но дали тоа навистина е така и дали некогаш навистина ќе напишам книга за мојот живот, времето ќе покаже“, вели таа за „Репортер“.

Марија Прличкова

 

Share
Scroll to Top