Денес, на 81-годишна возраст, почина македонскиот писател и академик од албанска националност Луан Старова. Беше раскошен раскажувач на балканските премрежиња, автор на цела библиотека романи кои ги осветлуваат заплетите на интимно-семејните, регионалните и универзалните човечки и историски драми. Ја дишеше и ја пишуваше митологијата на Балканот, ја создаде повеќеслојната и богата „Балканска сага“, составена од 17 романи, која ќе биде траен сведок за неговата писателска умешност и за неговиот хуманистички и космополитски дух.
Беше и поет, есеист, преведувач, универзитетски професор, научник-компаративист и поранешен дипломат. Беше член на МАНУ, на Медитеранската академија, на Европската академија и на Албанската академија на науките и уметностите. Во ДПМ членуваше од 1970 година.
Старова е роден на 14 август 1941 година во Поградец, Албанија, а семејството подоцна се преселило во Струга, па потоа во Тетово и од 1945 година во Скопје. Работел како новинар во Радио Скопје и во Македонската Телевизија, а потоа како професор на Катедрата за романистика при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Универзитетскиот степен го добил со одбрана на докторат во Загреб, Хрватска. Во 1985 г. Старова бил избран за вонреден и ополномоштен амбасадор на СФРЈ во Тунис. Бил именуван за прв амбасадор на СФРЈ во Палестинската држава. Во 1994 бил именуван за прв вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Македонија воФранција, прв постојан претставник во УНЕСКО, и нерезидентен амбасадор во Шпанија и Португалија.
Добитник е на на низа награди и признанија, меѓу кои: државните награди „11 Октомври“ и „Св. Климент Охридски“,„Крсте Мисирков“ за публицистика, „13 ноември“ на Град Скопје, двапати е награден со наградата „Стале Попов“ на ДПМ, Рациновото признание во 2007 за „Потрага по Елен Лејбовиц“ и други. Добитник е на највисокото француско признание за достигнување во уметноста и книжевноста „Командант на Орденoт за уметност и писмо“.
Од неговите бројни романи ќе останат запаметени и читани: Татковите книги (1992), Времето на козите (1993), Атеистички музеј (1996), Пресадена земја (1998), Патот на јагулите (2000), Тврдина од пепел (2002), Балкански жртвен јарец (2003), Ервехе – книга за една мајка (2005), Потрага по Елен Лејбовиц (2008), Љубовта на генералот (2008), Амбасади (2009), Нови амбасади (2011), Балканвавилонци (2015), Полифонисти (2016), Враќањето на козите (2016), Граница (2017), Цариградски емигрант (2019), Генералот и пеперугата (2020), Јаничари (2020), Баба (2021). Автор е и на поетски и есеистички книги, како и на неколку патописи и преведувач на дела од Жан-Пол Сартр, Ѓерѓ Лукач, Исмаил Кадаре и други.
Творештвото на Луан Старова доживеа преводи и позитивни критички огласи во многу европски средини. Тој е еден од ретките писатели од балканските простори за чии дела недвосмислено може да се рече дека имаат европска рецепција и значење. Со неговото заминување нашата книжевност губи вешто раскажувачко перо, од кое зрачат интелект, емоции и хумани пораки.