Пендаровски: Да излеземе во пресрет на младите за да се намали одливот на стручни кадри

пред 3 години

Претседателот Стево Пендаровски се обрати пред учесниците на програмата „Млади менаџери и деловни лидери“, која се одржува под негово покровителство.

Пендаровски во своето обраќање порача дека треба да сме горди што во нашата држава имаме млади кои не запираат само на степенот на своето формално образование, туку имаат желба да продолжат со учење, да ги прошируваат своите интелектуални хоризонти и да ги усовршуваат своите вештини и таленти.

„Тоа треба да нѐ охрабрува сите нас, согласно со ресурсите на располагање, да им дадеме шанса со што ќе го отвориме патот за нивна професионална реализација.Само заедница на граѓани со отворени умови има перспектива за развој и напредок. Колку повеќе учиме толку повеќе и даваме шанса на нашата креативност и доаѓаме до нови идеи и до иновации кои не движат напред. Мора да бидеме подготвени да изнаоѓаме функционални решенија и политики во глобалниот амбиент кој постојано се менува“, порача Пендаровски.

Тој потсети и на една од главните цели поради која е иницирана „Рамката за развој МКД 2030“, што неодамна е промовирана, а тоа е да се излезе во пресрет токму на потребите на младите, со крајна цел да се намали одливот на стручни кадри од земјата.

Програмата „Млади менаџери и деловни лидери“ се реализира преку соработка меѓу Кабинетот на Претседателот и Советот на странски инвеститори. Во неа учествуваат триесет и двајца млади лица и осумнаесет компании кои ги ставија на располагање своите капацитети за младите да имаат можност да стекнат нови, практични знаења.

Share
Scroll to Top