Секој војник кој го чуваше Змискиот остров на Црното Море загина, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски и додаде дека постхумно ќе им оддаде почит на загинатите.
Тој исто така рече дека 137 украински граѓани, војници и цивили загинале на првиот ден од рускиот напад. Повредени се најмалку 316 лица.
Во врска со Змискиот остров објавена е и радио комуникација меѓу командантите на руските и украинските сили.
На снимката најпрво се слуша припадник на руската армија:
„Се јавувам од руски воен брод. Ви предлагам да го положите оружјето, да се предадете и на тој начин да избегнете крвопролевање и непотребни жртви. Ако не се согласувате, ќе ве бомбардираме“, се слуша на снимката.
Украинците потоа одговараат кратко и јасно: „Е***е се“.
Ниту еден од 13-те украински војници на Змискиот остров не го преживеал нападот.