Османи: Со Селаковиќ се согласивме дека во моментов најважно е воените дејствија веднаш да запрат

пред 3 години

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес беше домаќин на министерот за надворешни работи на Република Србија, Никола Селаковиќ, кој претстојува во официјална посета на Северна Македонија.

За време на разговорите, беа реафирмирани одличните билатерални односи меѓу двете земји кои се пријателски, со динамика на чести средби и отворена комуникација, при што беа потенцирани очекувањата за реализација на потенцијалите за динамизирање не само на билатералната туку и на регионалната соработка.

Соговорниците се осврнаа на можностите за унапредување на економската соработка, за зголемување на инвестициите, за поголема трговска размена и партнерство во привлекувањето на интересот на странските инвестиции во регионот.

„Тоа е и еден од клучните приоритети на сите регионални инцијативи, без разлика дали се работи за Берлинскиот процес или за отворен Балкан. Да создадеме заеднички пазари налик на заедничкиот пазар на ЕУ, со цел да им овозможиме на бизнисите потенцијал за забрзан развој“, истакна Османи. Во овој контекст, министрите разговараа и за инклузивноста во овие процеси како и дека успехот ќе биде далеку поголем доколку се вклучат и останатите земји од регионот, при што се согласија дека овие иницијативи не се замена за Европскиот проект, туку напротив, преку нив регионот се подготвува за полесно интегрирање во заедничкиот европски пазар и во системот на европски правила и стандарди.

Во рамките на посетата беше потпишана Спогодба за основање на културно-информативни центри во Скопје и Белград, со уверување дека со тоа ќе се создадат услови за зголемување и зајакнување на културната размена и поврзаноста меѓу граѓаните.

Соговорниците го поздравија одржувањето на првата средба на Комисијата за заштита на националните малцинства, одржана на почетокот на февруари 2022 во Белград, и ги изразија надежите дека унапредувањето на малцинските права ќе придонесе за дополнително зацврстување на односите меѓу двете земји и зголемување на соработката.

Неизбежна тема на средбата беше и воената криза во Украина.

„Со колегата Селаковиќ се согласивме дека во моментов најважно е воените дејствија веднаш да запрат, да се заштити невиното население, да престанат страдањата и да ѝ се даде шанса на дипломатијата“, нагласи Османи.

Share
Scroll to Top