Украински војник, маринецот Виталиј Володимирович Скакун, загина откако кренал во воздух мост за да спречи продор на руска тенковска колона, потврди Генералштабот на украинските вооружени сили.
„Во овој тежок ден за нашата земја, кога украинскиот народ им дава отпор на руските окупатори од сите правци, едно од најтешките места на територијата на Украина беше крстосницата на Крим каде специјален баталјон на маринци се сретна со непријателот. За да се запре продорот на тенковската колона, донесена е одлука за уривање на мост“, почнува соопштението на украинскиот Генералштаб објавено на „Фејсбук“ со наслов „Херои на моментот“.
Млад украински маринец е убиен веднаш откако успешно го минирал мостот, што значително ги забавило руските војници.
„Виталиј Володимирович Скакун, инженер од посебниот баталјон и маринец, доброволно се пријави да ја изврши оваа задача. Мостот бил успешно миниран, но Виталиј немал време да побегне од тоа место. Според зборовите на неговите браќа, тој се јавил и рекол дека мостот е разнесен. Веднаш се слушнала експлозија. Нашиот брат загина. Неговото херојско дело значително го забави напредувањето на непријателот, што и овозможи на единицата да ја прераспореди и организира одбраната“, соопшти Генералштабот на украинските вооружени сили.
„Командата на маринците ќе побара од Врховната команда да му ја додели државната награда на маринецот Виталиј Володимирович Скакун. Руски окупатори, знајте дека земјата ќе ви гори под нозете! Ќе се бориме додека сме живи! И додека сме живи ќе се бориме!“, стои во објава на „Фејсбук“.