(Видео) Димитриеска Кочоска: ВМРО-ДПМНЕ со сет мерки до владата за справување со инфлацијата

пред 3 години

Македонија се наоѓа среде огромна економска криза поради лошите, погрешните и ненавремени мерки на владата на Ковачевски, вели Гордана Димитриеска Кочоска, потпретседателка на ВМРО-ДПМНЕ.

Оценува дека граѓаните според последните податоци на заводот за статистика се соочуваат со инфлација од 6,7%. Ваквата инфлација, дополнува таа, ја јаде и надминува годишната стапка на раст на просечната плата, што значи дека стандардот на граѓаните не само што не расте, туку и опаѓа. Граѓаните, според неа, се соочуваат со поскапени производи и трошоци на живот. Горивата за краток период пораснаа за околу 70%, електричната енергија за 30%, а основните намирници, масло, леб и млеко во просек се поскапени за 30-тина проценти. Со истите плати и пензии се купува се помалку и помалку производи.

„Владата треба итно да преземе мерки за справување со ваквата состојба, особено ако се земе предвид актуелната геополитичка состојба која и тоа како ќе влијае врз енергенсите. Растот на цената на енергенсите влијае и на домаќинствата како и на стопанството. Владата треба да почне да размислува да ги укинува и да ги намалува даноците и таксите на сите оние производи кои граѓаните ги користат секојдневно а поради повисоките цени им го нарушуваат стандардот“, вели таа.

ВМРО-ДПМНЕ, како што рече Димитриеска Кочоска, ќе бара преку Собранието на Република Македонија наместо 5% повластена даночна стапка за промет и увоз на производи за човечка исхрана, да биде 0% односно да не се плаќа данок, понатаму ќе бараме за топлинската енергија за греење наместо 5% данок да нема данок. Овие барања, како што истакна, да бидат со важност од денот на носење на законските измени заклучно со 31.12.2022 година. „Исто така ќе бараме продолжување на важноста на даночната стапка од 5% за електрична енергија и после 1ви јули, како и ќе бараме намалување на акцизата за нафта и нафтени деривати за 50%. На овој начин кај нафтата и нафтените деривати покрај намалувањето на акцизата ќе дојде и до намалување на обврската за ДДВ поради намалената основица“, посочи таа.

„Во услови на енергетска криза, на која не и се гледа крајот, власта треба да почне да работи на зголемување на домашното производство на струја, имајќи предвид дека лани ја завршивме со екстремно ниско ниво на производство кое го дополнувавме со скап увоз. Во оваа насока уште еднаш ја повикуваме владата да им излезе во пресрет на компаниите и општините кои ни криви ни должни беа ставени во ситуација да плаќаат од 300 до 800% поскапа електрична енергија. Владата на Ковачевски не треба да изигрува аналитичар за геостратешки политики, туку треба да биде практичар и веднаш да почне да дејствува пред да биде прекасно. Македонија не смее оваа криза да ја дочека неподготвена како што ги дочека енергетската криза и здравствената“, смета Димитриеска Кочоска.

„Наместо гол маркетинг и гола политика го повикуваме Ковачевски да излезе од стакленото ѕвоно и да види каква е вистинската состојба. Монтираните видеа нема да му помогнат на граѓанинот исто како што и шминканите бројки и веселата математика на владата нема да му помогне да го преживее месецот“, вели таа.

Share
Scroll to Top