Австрискиот канцелар Карл Нехамер ја прекина дискусијата за укинувањето на австриската неутралност со пораката „Австрија останува неутрална“.
„ Австрија беше неутрална, неутрална е и ќе остане неутрална“ подвлече Нехамер и рече дека за него со тоа завршила дискусијата.
Според него, неутралноста била добра за Австрија. Тој нагласи дека во моментов има војна, дека ни треба брза помош, брза солидарност за луѓето на лице место, како и поддршка за политички одговорните кои таму се плашат за своите животи, без потреба од дискусии кои немаат основа во реалноста.
Така Нехамер индиректно одговори на барањето на поранешниот претседател на парламентот Андреас Кол, кој во авторскиот текст во весникот „Клајн цајтунг“ изјави дека Австрија треба да влезе во НАТО или во армијата на ЕУ.
Слична изјава даде и гувернерката на покраината Долна Австрија, Јохана Микл Лајтнер.
„ Нема да промениме ништо за нашата неутралност. Тоа е основата на нашата надворешна и безбедносна политика. Тоа беше во изминатите децении, така ќе биде и во иднина“ нагласи таа.
Сепак, таа посочи дека Австрија ќе го крева својот глас во иднина кога ќе се прекрши меѓународното право.