Кина порача: Спречете го пожарот во Европа пред да излезе од контрола

пред 3 години

Кинескиот претседател за време на видео-самитот изјави дека приоритет во Украина е да се спречи ескалација и дека ситуацијата не треба да излезе од контрола.

„Ситуацијата во Украина е загрижувачка, Кина длабоко жали што воениот оган повторно се разгоре на европскиот континент“, рече кинескиот претседател за време на видео-самитот со францускиот лидер Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц.

Во таа насока, тој апелираше на максимална воздржаност и спречување на големата хуманитарна криза. Тој ги повика Макрон и Шолц заеднички да ги поддржат мировните преговори меѓу Москва и Киев и да помогнат да се надминат тешкотиите заради мирот.

„Кина ги цени напорите на Франција и Германија за решавање на ситуацијата во Украина и е подготвена да ја одржи соработката и координацијата со Франција, Германија и ЕУ, како и да игра активна улога заедно со меѓународната заедница во согласност со потребите на засегнатите страни“, рече тој. Прецизирајќи дека „ние мора заеднички да ги поддржиме мировните преговори меѓу Русија и Украина, да им помогнеме на двете страни да ја задржат тенденцијата кон преговорите, да ги надминат тешкотиите и да го продолжат дијалогот за да се постигнат резултати и мир“.

Пекинг веќе покрена хуманитарна иницијатива и е подготвен да обезбеди дополнителна хуманитарна помош за Украина, изјави кинескиот лидер.

„Кинеската страна смета дека е неопходно да се почитуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на сите земји, да се придржуваат до основните цели и принципи на Повелбата на ОН, сериозно да се земат предвид легитимните безбедносни грижи на сите земји и да се поддржат сите напори за промовирање мирно решение за криза“, додаде кинескиот претседател.

Освен за украинската криза, лидерите разговарале и за иранскиот нуклеарен договор и соработката на Кина со ЕУ.