Францускиот претседател Емануел Макрон на почетокот на самитот во Версај изјави дека верува оти е нереално сега да почне процедурата за пристапување на Украина во ЕУ, додека земјата е во војна.
„Ќе разговараме за ова вечерва. Како што знаете, Украина, Молдавија и Грузија поднесоа официјални апликации за влез во ЕУ. Ќе разговараме за нив вечерва“, рече Макрон.
Тој додаде дека сега е многу важно да се испрати силна порака до Киев и Украинците, но неопходна е внимателност.
„Дали навистина мислиме дека сега треба да ја отвориме процедурата за пристап во ЕУ во земја каде што има војна? Не би се согласил“, изјави Макрон за новинарите пред самитот во Версај.
Тој исто така изјави дека земјите од Европската унија треба да се договорат за темпото со кое ЕУ постепено ќе се ослободи од зависноста од руската енергија, пренесува Ројтерс. Најави дека во следните 48 часа повторно ќе разговара со рускиот претседател Владимир Путин.
„Утрово со германскиот канцелар Шолц разговаравме со Путин. Планирам повторно да разговарам со него во следните 48 часа“, рече Макрон на отворањето на самитот во Версај.
Тој додаде дека има намера да постигне прекин на огнот во Украина и да најде начин да се стави крај на конфликтот.
И холандскиот премиер Марк Руте денеска во Версај во пресрет на неформалниот самит на лидерите на Европската унија изјави дека нема брза процедура за пристапување во ЕУ.
Дека на Украинците не треба да им се остава впечаток дека се’ може да се реши преку ноќ изјави и премиерот на Луксембург, Ксавиер Бетел.
Самитот, организиран од францускиот претседател Емануел Макрон, беше планиран претходно како дел од програмата на француското шестмесечно претседавање со ЕУ.
Замокот Версај ќе го обезбедуваат околу 1.500 полицајци за време на дводневниот самит.