Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган продолжува со обидите да се позиционира како посредник меѓу рускиот претседател Владимир Путин и Западот. Тој денеска телефонски разговарал со американскиот претседател Џо Бајден, пишува „Си-ен-ен“.
„Тие разговараа за заедничката загриженост поради неиспровоцираната и неоправдана инвазија на Русија на Украина“, се вели во соопштението на Белата куќа.
Се наведува дека соговорниците ја потврдиле својата силна поддршка за владата и народот на Украина, ја истакнале потребата од итен прекин на руската агресија и го поздравиле координираниот меѓународен одговор на кризата.
„Претседателот Бајден изрази благодарност за напорите на Турција да го поддржи дипломатското решение на конфликтот, како и недамнешните ангажмани на Турција со регионалните лидери за да помогнат во промовирањето на мирот и стабилноста“, се вели во соопштението.