Актерката Селма Блер побара судот во Лос Анџелес да му забрани на нејзиниот поранешен дечко Рон Карсон да ѝ се приближува оти физички ја нападнал. Според полициските извештаи, 49-годишната актерка на 25 февруари поднела пријава против Рон, со кој се забавувала околу седум години, а во која се вели дека ја нападнал на 22 февруари.
Според судските документи што ги објави „Пипл“, Селма тврди дека Рон бил во нејзиниот дом и ѝ враќал телевизор. Таа, пак, го завршила третманот за мултиплекс склероза неколку минути претходно и затоа била исцрпена. Откако таа му ги вратила клучевите од неговиот стан, а тој ѝ ги вратил нејзините, Селма му кажа на Рон дека не се чувствува добро. Тој тогаш вербално ја нападнал и ѝ кажал дека е бескорисна и дека можел да си најде многу подобра жена од неа. Потоа физички ја нападнал и ѝ скокал по телото додека таа лежела наведната на софата. Селма тврди дека тој пробал да ја задави и ѝ ги тресел главата и рамената агресивно.
Во својата судска пријава, Селма вели во самоодбрана ги ставила прстите во очите и устата на Рон додека врескала за помош по нејзината куќна помошничка, која во тоа време била горе. Потоа, Рон, наводно, ја ставил раката на нејзината уста и лицето, ја турнал на каучот, па Селма не можела да дише. Селма тврди дека накратко ја изгубила свеста пред Рон да ѝ удри шлаканица и да ѝ ја турне на страна главата, при што таа паднала на подот и почна да крвави од носот.
По заминувањето на Рон, Селма се јавила во полиција, а тој бил уапсен подоцна истата вечер за кривично дело семејно насилство со телесни повреди.
Судијата во Врховниот суд во Лос Анџелес го одобрил барањето за забрана што го поднела Селма.