Индија соопшти дека оваа недела случајно истрелала ракета кон Пакистан и дека тоа се должи на техничка неисправност при рутинско одржување.
Во минатото, воените експерти предупредуваа на ризикот од несреќи или погрешни пресметки на соседите со нуклеарно оружје, кои воделе три војни и учествувале во бројни помали вооружени конфликти, обично околу спорната територија на Кашмир, објави „Ројтерс“.
„ На 9 март 2022 година, за време на рутинско одржување и поради технички дефект, случајно беше испукана ракета“, се вели во соопштението на индиското Министерство за одбрана. Утврдено е дека ракетата паднала на територијата на Пакистан.
Иако инцидентот предизвикува длабоко жалење, олеснување е што немаше човечки загуби поради несреќата, се вели во соопштението.
Министерството соопшти дека владата побарала истрага на високо ниво.
Пакистанските власти соопштија дека ракетата не носела оружје и паднала во близина на источниот град Миан Чан, на околу 500 километри од главниот град Исламабад.
Пакистанското Министерство за надворешни работи го повика вршителот на должноста на Индија во Исламабад за да му врачи протест против, како што наведе, неиспровоцираното нарушување на воздушниот простор, велејќи дека инцидентот може да ги загрози патничките летови и животите на цивилите.
Пакистанскиот советник за национална безбедност Моед Јусуф на Твитер напиша дека е многу неодговорно од Индија што веднаш не го информирала Пакистан за ненамерното лансирање на проектил кој паднал во таа земја.