Водечките дипломати на ЕУ се согласија да го додадат сопственикот на фудбалски клуб Роман Абрамович на листата на санкционирани руски милијардери по руската инвазија на Украина, соопштија два дипломатски извора.
Неофицијално зелено светло за ставање на Абрамович на листата беше дадено на состанокот во неделата, соопшти еден извор, а претставниците на ЕУ повторно се состануваат денеска за да ја одобрат мерката и дополнителниот пакет економски санкции против Русија.
Санкциите ќе бидат во сила само откако ќе бидат објавени во официјалниот весник на ЕУ, што обично се случува неколку часа или еден ден по официјалното одобрување.
Западот санкционираше руски милијардери, го замрзна државниот имот и отсече голем дел од рускиот корпоративен сектор од глобалната економија во обид да го принуди рускиот претседател Владимир Путин да го промени правецот во однос на Украина.
Во четвртиот пакет санкции на ЕУ против Русија од инвазијата на Украина на 24 февруари, блокот ќе го забрани извозот на луксузни стоки во Русија, вклучително и луксузни автомобили.
Ќе го забрани и увозот на руски производи од челик и железо, изјави во петокот претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен.
Освен Абрамович, на листата на ЕУ ќе бидат додадени и други олигарси. Десетици веќе се санкционирани.
Абрамович веќе е на британската црна листа.
Тој има португалски пасош, што значи дека Португалија во принцип може да се воздржи од замрзнување на имотот и забраната за патување донесена на ниво на ЕУ, изјави друг претставник на ЕУ за „Ројтерс“.