Руски службеник доби отказ откако објави дека Кина ѝ кажала „НЕ“ на Русија

пред 3 години

Руските воздухопловни власти отпуштија службеник кој минатата недела рече дека Кина одбила да им испорача на руските авиокомпании делови за авиони, по санкциите на Западот, објави „Комерсант“, цитирајќи извори и официјални лица.

Валериј Кудинов, претставник на руската Федерална агенција за воздушен транспорт (Росавијација) задолжен за одржување на пловидбеноста на авионот, рече дека Русија преговара за купување делови од земји, вклучително и Турција и Индија, по неуспешниот обид да ги набави од Кина.

Извор за „Ројтерс“ потврди дека Кудинов е отпуштен, додавајќи дека останал без работа поради јавни изјави за Кина.

Рускиот весник „Комерсант“ ја цитираше изјавата на Кудинов дека е отпуштен поради откривање информации според федералниот закон кој регулира како мора да се однесуваат државните службеници. Воздухопловниот сектор на Русија е под притисок на западните санкции поради инвазијата на Украина.

Американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан вчера ја предупреди Кина дека ќе биде изолирана доколку ја поддржи Русија во нејзината агресија против Украина. Тој му рекол на високиот кинески дипломат Јанг Џичи дека Пекинг може да се соочи со економски казни и глобална изолација доколку и помогне на Русија, објави „Ројтерс“.

Share
Scroll to Top