Децата го носат товарот на војната на Путин – се повеќе ранети деца од Мариупол ја полнат болницата во Запорожје

пред 3 години

Иако голем број градови во Украина беа погодени од војната, ситуацијата во пристанишниот град Мариупол може да се смета за најтешка ако се земе предвид фактот дека руската армија со недели целосно го блокира ова место.

Оние кои најмногу страдаат во секоја војна поради „игрите“ на возрасните се секако децата, а новинарите на Би-Би-Си ја посетија Регионалната детска болница во Запорожје, каде меѓу другото се сместени и ранети деца од Мариупол.

Тука беа евакуирани стотици луѓе. Нивните физички рани се очигледни и можат до одреден степен да зараснат. Сепак, психолошката траума ќе живее со нив засекогаш, наведува Би-Би-Си.

Меѓу другото, во оваа болница е и 15-годишната Маша. Според лекарот од оваа болница, десната нога и била ампутирана откако минатата недела во нејзина близина експлодирала граната.

Тригодишниот Артем лежи во болничкиот кревет до Маша. Тој држи мал жолт трактор како играчка, но ништо не кажува додека медицинските сестри ја следат неговата состојба. Го погодиле гранати во стомакот, а тешко ги раниле родителите и бабата, пишува Би-би-си.

Лекарите кои работат во болница во Запорожје за Би-Би-Си истакнуваат дека секој ден гледаат вакви сцени. Шефот на детската болница Јуриј Борзенко (Јуриј) не го криеше својот презир кон она што руските трупи и го направија на Украина.

– Ја мразам Русија. Девојката која ја изгубила ногата била толку истрауматизирана што со денови не јадела и не пиела. Таа психички не можеше да го поднесе тоа што и се случи. Моравме да ја храниме интравенски – објаснува д-р Борзенко.

Тој посочува дека во болница е и шестгодишно дете, кое исто така било погодено од гранати.

-Без солзи и емоции ја гледаше својата мајка како гори во нивниот автомобил. Два дена подоцна рече: „Тато ми купи нова мајка, ми треба некој да ме придружува до училиште“ – истакнува Борзенко.

Оние граѓани кои успеале да излезат од Мариупол пред целосната блокада за Би-Би-Си раскажале за незамисливите ужаси кои моментално се случуваат во тој украински град.

Во едно од кафулињата во градот Днипро, новинарите на Би-Би-Си сретнале семејство од пристанишниот град кое минатата недела успеало да излезе од градот по минирани патишта.

– Презедовме апсолутен ризик, но во тој момент не ми беше грижа дали ќе умрам во Мариупол или ќе се обидам да излезам од градот. Знаевме дека има шанса, дека ќе бидеме мети и сфативме дека треба да ја искористиме таа шанса. Да останевме во градот, шансите за преживување ќе се сведеа на нула – вели брачниот пар Гусак.

Share
Scroll to Top