Шолц: Санкциите треба да влијаат на агресорот, но ние мора да се грижиме за нашата економија

пред 3 години

Германија во вторникот го повтори своето противење на енергетските санкции против Русија, предупредувајќи дека тоа може да има негативни последици за европските економии, јавува Анадолија.

Говорејќи на заедничката прес-конференција со претседателот на Европскиот парламент Роберт Мецол во Берлин, германскиот канцелар Олаф Шолц рече дека европските земји треба внимателно да ги проценат предложените мерки.

– Санкциите треба да влијаат на агресорот, но во исто време треба да се погрижиме тие да имаат минимални реперкусии врз нашите економии и да можеме да ги поддржиме – рече тој.

Шолц истакна дека не само Германија, туку и многу други земји од Европската унија се уште треба да купуваат гас, нафта и јаглен од Русија, бидејќи немаат други алтернативи на краток рок.

– Но, решивме што поскоро да не зависиме од увозот на јаглен, гас и нафта од Русија. И на тоа работиме со полна брзина – додаде тој.

Германскиот канцелар рече дека земјите од ЕУ воведоа „најстроги санкции“ кон Русија минатиот месец како одговор на нејзиниот напад врз Украина, заедно со силните економски и финансиски мерки.

– И овие санкции почнаа да го покажуваат своето влијание врз руската економија и секој ден ќе бидат се подраматични – нагласи тој.

Шолц го обнови својот повик до рускиот претседател Владимир Путин веднаш да ги прекине сите борбени операции во Украина и да ги повлече руските трупи од земјата.

„Итно е потребен прекин на огнот за да се стави крај на незамисливото страдање и уништување“, рече тој.

Војната на Русија против Украина, која започна на 24 февруари, предизвика меѓународна осуда, доведе до финансиски санкции против Москва и го поттикна егзодусот на глобалните компании од Русија.

Според проценките на ОН, во Украина загинале најмалку 953 цивили, додека повеќе од 1.557 биле повредени. Повеќе од 3,5 милиони луѓе побегнаа и во соседните земји.

Share
Scroll to Top