Apple неколку пати во својата историја покажа заинтересираност за поголемо присуство на гејминг пазарот.
Најновиот потег на компанијата во оваа насока е Apple Arcade – претплатничка услуга која нуди библиотека на „премиум“ игри за iOS. Apple сега повторно би можел да покаже интерес за пазарот на конзоли, а компанијата наводно ја истражува идејата за објавување на сопствен гејминг систем.
Во текот на јануари дознавме дека Apple ангажирал одредени инженери од тимот на Xbox, со цел да создаде некој вид на конзола. Сега гласините споменуваат дека компанијата се консултирала со програмерите и креаторите на хардвер со цел да собере информации за создавање гејминг конзола или за претворање на Apple TV уредот во конзола.
Наводно, Ubisoft и Capcom биле активни во нудење совети на Apple кога станува збор за пазарот за игри. Двата издавачи претходно беа активни во секторите за cloud гејминг, но Apple се чини дека е заинтересиран за специфичен хардвер, а не за услуга за стриминг на игри.
Apple постојано инвестира во скапи програми за истражување и развој, но не секој води до конечен и комерцијален производ. Останува да видиме како ќе се развива проектот со конзолата на Apple во наредниот период.