Премиерот Димитар Ковачевски, придружуван од заменикот на претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ, се сретна со Каролина Едштадлер, сојузна министерка за ЕУ на Република Австрија.
На состанокот, како што информираат од Владата, било разговарано за предизвиците од војната во Украина, значењето на евроинтеграциите и можностите за унапредување на добрата билатерална соработка.
Заедничка била осудата на руската агресија во Украина.
При тоа, било констатирано дека интеграцијата на Северна Македонија и Албанија во ЕУ е од значење за стабилноста и безбедноста на регионот, но и на Европа и дека сега е моментот за исчекор.
Во таа насока, била изразена целосна поддршка од Австрија за европските аспирации на нашата држава.
Во премиерите Ковачевски и Петков се гледа како на луѓе кои ги движат работите напред и со новата клима на почитување во односите меѓу Северна Македонија и Бугарија, се оценува дека има отворен прозорец на можности за доаѓање до принципиелно решение, се потенцира во владиното соопштение.
Премиерот Ковачевски се заблагодарил за големата и пријателска поддршка од Република Австрија за евроинтеграциите на Република Северна Македонија и како држава којашто е меѓу најголемите инвеститори во земјава.
„Ги споделуваме вредностите на ЕУ, членка сме на НАТО, се поставивме целосно на линија на политиките на НАТО и на ЕУ во однос на војната во Украина, отворено ја дадовме потребната помош на Украина, подготвени сме да прифатиме и евентуални бегалци од државата. Во исто време донесовме антикризни мерки за помош на граѓаните и компаниите, ги решаваме предизвиците со енергијата и обезбедувањето храна, разговараме и со Бугарија за можните решенија. Европските интеграции на Северна Македонија и на Албанија се потребен сигнал за целиот регион и важни за стабилноста во ЕУ“, изјавил Ковачевски.
На средбата било разговарано и за можностите за унапредување на трговијата меѓу државите, како и за натамошниот развој на односите меѓу двете земји и во други области од значење за граѓаните.