Брус Bилис веќе нема да глуми поради здравствени проблеми

пред 3 години

Американскиот актер Брус Вилис, веќе нема да глуми откако му беше дијагностицирана афазија. Веста ја потврди неговото семејство, кое рече дека тој има здравствени проблеми и неодамна му била дијагностицирана афазија, нешто што влијае на неговите когнитивни способности.

„Како резултат на ова и по многу размислување, Брус реши да се повлече од кариерата што толку многу му значеше“, се вели во соопштението.

67-годишниот Вилис ја почна кариерата во 80-те како телевизиски актер, по што се наметна како една од најголемите ѕвезди од акционите филмови. Покрај „Умри машки“, тој глумеше во „Евтини приказни“, „Петтиот елемент“, „12 мајмуни“ и „Шесто сетило“.

Вилис беше во брак 23 години со колешката Деми Мур, со која имаат три ќерки. Тој има и две ќерки со неговата втора сопруга, Ема Хеминг Вилис.

Афазија е медицинска состојба која се карактеризира со потешкотии со говорот и често е предизвикана од оштетувања на левата страна на мозокот. Најчести причини се мозочен удар, сериозна повреда на главата, мозочен тумор и невролошки состојби како деменција.

Share
Scroll to Top