Културата е столбот на државата и на идентитетот, а вработените во културата не смеат да трпат заради неспособноста на власта којашто не размислува за последиците од своите популистички мерки, посочи на денешната прес-конференција Зоран Љутков од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што рече тој, Владата во допис до синдикатот признала дека нема пари во буџетот за плати во културата според Колективниот договор.
„Уште повеќе, министерката Бисера Костадиновска Стојчевска, признава дека доколку ја исполни обврската од Колективниот договор, тоа ќе биде на штета на проектите и ја префрла вината врз вработените.
Ова е срамен допис, срамно признание. Без никаква почит кон вработените во културата, Министерката бара измени во Колективниот договор за културата на штета на вработените и фактички откажување од законскиот раст на плата во услови на енормно поскапување на трошоците за живот.
Притоа, дописот содржи скриена закана дека доколку вработените и синдикатите не го прифатат овој предлог, владата ќе ги скрати, укине парите за програмските активности и капиталните инвестиции во културата“, посочи Љутков и истакна:
„Наместо притисок и закани кон вработените и синдикатите во културата министерката, доколку навистина себе се гледа како министер за култура, да насочи притисок кон министерството за финансии и да обезбеди финансии за исплата на платите согласно Колективниот договор и Членот 65, без притоа да биде прекинат ниеден проект или капитална инвестиција во културата. (се разбира доколку имале намера да ги реализираат веќе 5 години по ред најавуваните инвестиции)“.