Зголемување на инклузивноста на образовниот систем, вклучувањето на што поголем број деца со посебни образовни потреби во редовно школување и подигување на свеста на целото општество дека децата со атипичен развој се исти во различноста како и сите други деца, се цели на кои Министерството за образование и наука во изминативе не-колку години интензивно работи.
Ова го истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири на денешната конференција „Инклузија на учениците со аутистичен спектар“ во организација на Универзитетот во Тетово, потенцирајќи дека бројни активности се веќе реализирани, го даваат проектираниот ефект и се нотирани дури и во извештаите на ЕУ за напредокот на земјата.
„Посебните основни училишта ги трансформиравме во основни училишта со ресурсен центар и тие со своите кадровски и материјални ресурси се поддршка на редовните училишта за организирање на образовниот процес на учениците со попреченост кои се таму инклузирани. За оваа цел, ангажирани се 500 образовни асистенти. Односно, услугата образовна асистенција од оваа учебна година повеќе не е на товар на родителите, туку е обврска на државата, за што во 2021 беа одвоени речиси 60 милиони денари, а во 2022 повеќе од 200 милиони денари“, рече Шаќири.
Образовните асистенти им помагаат на инклузивните тимови составени од наставник, стручен соработник и родител кои изготвуваат индивидуален образовен план за ученикот со попреченост и ги прилагодуваат планот и програмата согласно неговите потреби и можности.
„Во учебната 2021/22 година, во основните училишта се вклучени вкупно 911 ученици со посебни образовни потреби и 312 ученици со посебни образовни потреби се инклузирани во редовните средни училишта. Така што, бројот на образовни асистенти ќе се зголемува, доколку се зголеми и потребата од истите, односно доколку и други родители на ученици од оваа категорија, се изјаснат дека сакаат образовен асистент да биде ангажиран и за нивното дете“, потенцираше Адеми.
Министерот информираше дека согласно новата Концепција за основно образование учебниците за 1во и 4-то одделение се адаптирани на потребите на учениците со попреченост, односно испечатени се со Браева азбука, адаптирани и во аудио формат, а развиен е и аудио читач кој може да ги чита наставните материјали на македонски и на албански јазик.
„Доделувањето на стипендии за ученици со попреченост е регулирано со програмите за ученички и студентски стандард, така што, ниту едно достапно право нема да биде укинато, туку напротив, ќе се залагаме и за проширување на можностите за овие ученици. Оваа учебна година, како и сите други видови на стипендии, така и за учениците со попреченост се зголемени од 2970 денари на 3500 денари на месечно ниво. Ќе потсетам дека во тек е реализација на проектот ИПА проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, во чии рамки доделени се и 471 стипендии за деца со попреченост коишто се вклучени во редовното образование и тоа за прво и второ одделение, извршени се прилагодувања и на повеќе училишта каде има деца стипендисти, а се спроведуваат и обуки на наставниот кадар за инклузивно образование“, информираше министерот.
Тој најави дека МОН работи на ново законско решение за средното образование каде исто така ќе се овозможи инклузирање на ученици со попреченост во редовните училишта, ќе се ангажираат образовни асистенти со средства од државниот буџет и слично.
„Заедно со Бирото за развој на образованието во следниот период ќе се фокусираме особено на обуки за работа со ученици со попреченост, наменети за наставниците и за инклузивните тимови во редовните училишта“, нагласи Шаќири.