Данска и Италија протераа руски дипломати поради Буча, Москва се закани дека ќе возврати

пред 3 години

Данска и Италија најавија протерување на голем број руски дипломати, по извештајот за масакрот во Буча во близина на Киев, објавен во текот на викендот. Данска соопшти дека ќе протера 15 руски дипломати, во согласност со чекорите преземени од другите земји од Европската Унија, по извештаите за пронајдени масовни гробници и убиства на цивили во украинскиот град Буча.

„Ова е уште еден пример за бруталност, суровост и воени злосторства што очигледно се случија во Буча“, рече данскиот министер за надворешни работи Јепе Кофод за време на брифингот со новинарите.

Одлуката на Данска следи откако неколку други земји од Европската унија, вклучително и Франција и Германија, вчера соопштија дека ќе протераат руски дипломати.

И Италија протера 30 руски дипломати поради безбедносни причини, изјави министерот за надворешни работи Луиџи Ди Мајо.

Италија во вторникот го покани рускиот амбасадор во Министерството за надворешни работи да му каже дека ќе ги протера дипломатите.

„Мерката е донесена во договор со Европската унија и атлантските партнери и е неопходна од причини поврзани со нашата национална безбедност и во контекст на актуелната криза предизвикана од неоправданата агресија врз Украина од страна на Руската Федерација“, рече Ди Мајо.

Москва, која тврди дека снимките од погубените цивили во Буча се лажни производи на украинската и западната пропаганда со цел да се дискредитира Русија, соопшти дека ќе возврати на протерувањето, пренесува РИА Новости.

Share
Scroll to Top