(Видео) Плаќање затезна камата не е кривично дело, а во „Топлик“ е штета и без неа немаше да постои предметот

пред 3 години

Случајот „Топлик“ е првиот каде затезна камата се смета за штета и се досудуваат осудителни казни. Додека Обвинителството посочува дека и тие како институција плаќале затезни камати по правосилни судски одлуки, обвинителот Бурим Рустеми седна на обвинителна клупа шест лица меѓу кои и ексминистерот Миле Јанакиески и Димитар Димовски поранешен член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Судијата Осман Шабани прифати ова да се смета за штета на Буџетот. По завршување на судењето, Рустеми кажа дека ако немало штета, немало да има ниту предмет.

„Како што веќе кажа судот, фактички, затезната камата претставува само последица од неправите дејствија преземени од страна на обвинетите, односно, сите прекршувања од страна на обвинетите. Затезната камата претставува директна последица од нивните дејствија. Тоа не претставува некој граѓанско правен однос па да се заклучи тоа дека камата не е штета. Ако се гледа како целина кривично правниот настан, лесно се извлекува дека тоа е последица на дејствијата на обвинетите во овој настан“, кажа Рустеми.

Наспроти него, во јануари годинава, од Обвинителството посочија дека плаќање затезна камата не е кривично дело и дека тоа се прави врз основа на правосилни пресуди. Оттаму, посочија дека и тие исплаќале вакви средства од Буџетот.

„Како и повеќето правни лица, така и јавните обвинителства, во текот на своето работење се соочувале со одредени ситуации во кои наплатата на долгот се вршела по судски пат, па притоа биле досудени и законски казнени камати. При наплатата, од Буџетот на институцијата се симнува целата досудена сума, во која е вклучен основниот долг, каматите и други трошоци предвидени во пресудата“, кажаа од Обвинителството во јануари 2022 година.

Судијата Осман Шабани, одлучи затезната камата да ја смета за штета, иако истата е досудена со судска спогодба.

„Тринаесет градежни парцели наведени во договорот не одговарале со површините дадени во Урбанистичкиот план, по што по поднесената тужба од ‘Сан сити’, Државниот правобранител со судска спогодба го раскинал договорот со друштвото ‘Сан сити’. Поради што, Министерството за транспорт и врски било задолжено на износ од 223.954.780 денари, која била цената на договорот да исплати затезна камата сметана од 1.12.2009 година до 30.09.2012 година за што на 18.02.2013 година од сметката на Министерството за транспорт и врски на сметката на друштвото ‘Сан сити’ била исплатена затезна камата од 65.206.833 денари за кои износ го оштетиле буџетот“, кажа Османи.

Случајот го следеа и други контроверзии поврзани со штетата. Обвинителот Бурим Рустеми по изрекувањето на пресудата призна дека додека ја водел истрагата, водел и состаноци во Владата.

Прашан дали е точно тврдењето дека се сретнал и со ексгенералниот секретар Драги Рашковски, двапати одбегна одговор на прашањето.

Адвокатот Еленко Миланов, минатиот февруари посочи дека токму во канцеларијата на Рашковски, вработена во Министерството за транспорт и врски Анета Јорданова, ре-изработила документ за побарување на евентуална направена штета во предметот „Топлик“.

„Сметам дека тие се невистините обвинувања бидејќи сите состаноци случени во текот на истрагата и во целиот кривично правен настан, се во насока на евентуално произнесување на Државното правобранителство, кое е независен орган и фактични тоа е органот кој треба да се произнесе за евентуална штета. Факт е дека судот денес утврди постоење на штета, ирелевантно е мислење на другите лица и другите органи“.

На прашањето дали ова значи дека не се сретнал со Рашковски тој додаде: „Сакам да кажам дека состанокот остварен во Владата е остварен со лицата кои што всушност се државни претставници, не сум се сретнал со никого приватно во врска со овој предмет. Сум се сретнал со сите со кои беше потребно да се видам“.

За случајот „Топлик“ досудени се две затворски казни и четири условни осуди.

Share
Scroll to Top