Кинеските власти ги проширија мерките за изолација во Шангај на сите 26 милиони луѓе во финансискиот центар и покрај зголемената фрустрација поради правилата за карантин во градот, каде што, според најновите бројки, се потврдени само 268 симптоматски случаи на коронавирус.
Во голем тест за кинеската стратегија за нулта толеранција во борбата против коронавирусот, владата го прошири заклучувањето во источните делови на градот и дополнително ги пролонгира ограничувањата во западните квартови што требаше да бидат укинати денеска.
Поширокото затворање следи откако бројот на асимптоматски случаи на Ковид-19 се искачи на повеќе од 13.000. Симптоматските случаи вчера паднаа на 268, од 425 во неделата. Иако сè повеќе граѓани на социјалните мрежи изразуваат фрустрација поради затворањето, се чини дека тоа не ги засега надлежните.
„Спречувањето и контролирањето на епидемијата во Шангај е во најтешката и најкритична фаза“, рече на брифинг Ву Чианју, претставничка на локалната здравствена комисија.
Политиката за карантин во Шангај беше критикувана поради одвојувањето на децата од нивните родители и мешањето на асимптоматски и симптоматски случаи. Ву не ги коментираше критиките за разделба на семејствата, а вчера инсистираше дека децата со позитивен наод мора да се разделат.