Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, заедно со претставници од Владата, првиот вицепремиер и министри, и генералниот директор на ЕСМ Васко Ковачевски, денеска присуствуваа на завршувањето на градбата на фотоволтаичната електрана „Осломеј“, каде започна тест период на целосно монтираната опрема.
„Целта на Владата заедно со институциите и партнерите е да станеме земја која од европски доминантно застапените фосилни енергенси, се насочува кон енергетски капацитети кои ќе го користат сонцето што го имаме во изобилство во текот на целата година, како и ветерот, водата и гасот. Навистина е за почит што токму на ова место кое е некогашен загадувач на животната средина, веќе имаме капацитет кој е подготвен од сончева, да произведува чиста и зелена енергија. Овој проект е од огромна важност, бидејќи е прв проект со кој се заменува производството на електрична енергија од загадувачка во чиста технологија. Истиот е пример за одлично спроведен проект во целиот регион на Југоисточна Европа, и како таков е пример и за идните проекти за енергетска транзиција во земјите на Западен Балкан, изјави Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски.
Официјалното пуштање во употреба на оваа фотоволтаична електрана, веднаш по завршувањето на тест периодот, значи почеток на енергетска транзиција на РЕК „Осломеј“ и Кичевскиот Регион.
Ковачевски итакна дека ЕСМ работи на нова студија за уште една електрана од 10 мегавати, а потпишани се договори за изградба на уште две фотонапонски електрани со што „Осломеј“ од јаглен целосно ќе премине на користење на обновливи извори на енергија.
Во време на криза, преземаме храбри чекори и инвестициски проекти кои го трансформираат енергетскиот систем и кои се насочени кон користење на обновливи извори на енергија, енергетска независност и заштита на животната средина. Во овој контекст, сакам да истакнам дека го поддржуваме Европскиот Зелен Договор за одржлива економија претворајќи ги климатските и еколошки предизвици во можности и зелена транзиција, од која ќе имаат придобивки и државата и граѓаните, изјави Ковачевски.