Девет години затвор за Боки 13, Ременски е ослободена

пред 3 години

Четири казни за физички и една за правно лице, изрече судијката Софче Гаврилова-Ефремова заедно со судечкиот совет во случајот „Меѓународен сојуз“. На претседателот на невладината организација Бојан Јовановски-Боки13 му изрече девет години, заменик-претседателката Јасна Мандиќ доби четири години, таткото на Боки13, Миле Јовановски доби условна казна, експратеничката Фросина Ременски е ослободена од обвиение. Асистентката на Боки 13 – Кристина Блажевска и е изречена казна од една година. „Меѓународен сојуз“ треба да плати еден милион денари.

„Бојан Јованоски сторил измама и перење пари, за што судот му утврдува затвор од по 5 години и го осудува на единствена казна од 9 години. Јасна Мандиќ сторила кривично дело… за што судот и утврдува казна затвор од по 2,6 месеци односно ја осудува на казна затвор од 4 години. Фросина Ременски се ослободува од обвинение бидејќи не беше докажано дека го сторила делото. Христина Блажевска го сторила делото перење пари за што ја осудува на затвор од една година. На Миле Јовановски му се утврдува условна осуда и нема да се спроведе ако во наредните 5 години не стори ново кривично дело“, кажа судијката.

Судијката Софче Гаврилова-Ефремова елаборираше дека се исполнети битијата на делото измама и перење пари. Таа посочи дека Бојан Јовановски парите кои му ги уплаќале ги користел за купување предмети за дома и за трошоци во 1ТВ, а немал намера ниту ги употребил парите за проектите кои требало да ги реализира. Јасна Ерцеговиќ, според судијката, пари кои ги добивала а биле уплаќани од бизнисмени во ‘Меѓународен сојуз’ ги уплатувала на фирмите „1ТВ“ и „БМЈ Медиа Груп“ како позајмица.

„Судот прифаќа дека парите уплаќани во ‘1ТВ’ и ‘БМЈ медиа груп’ како донации и позајмици, прифаќа дека се од бизнисмените“, кажа Софче Гаврилова-Ефремова.

За Миле Јовановски кои правел позајмици на „1ТВ“, судијката исто така смета дека нема покритие за парите.

„За сите овие уплатени средства немал легално покритие. Неосновано е дека семејството Јовановски стекнал имот со продажба на јаболки и недвижнини, бидејќи нема докази. Јовановски е обвинет и за незаконско поседување на оружјето. За две оружја е потврдено дека се вон функција, а за едно е во функција. Тие се пронајдени при претрес. Факт е дека тој нема дозвола за оружје.

Според судот, преку изведените докази, обвинителката Ивана Трајчева докажала дека Бојан Јовановски успеал ја искористил невладината организација за да донесе во заблуда бизнисмени кои ги нарекува оштетени, со цел тој да ги земе парите. Јасна Мандиќ и Фросина Ременски, беа товарени дека му помагале на Боки 13 да ја оствари целта, за што, за Ременски беше посочено дека тоа го правела со нејзиниот углед кој го уживала. За асистенката Блажевска и Миле Јовановски, судот смета е докажано дека тие ги ставале земените пари во оптек. На Миле Јовановски, на терет му се стваше уште едно дело кое се однесува на поседување оружје, за кое, во интервју за „А1он“ кажа дека е старо и нефункционално, оставено од неговиот дедо. Пресудите се донесени за кривичните дела измама, перење пари и примање награда за противзаконито посредување.

Претходно, Бојан Јовановски-Боки 13 негираше дека проектот за изградба на старечки домови бил наводен и посочи дека бил реален. Во однос на поддршката од Владата, посочи дека дури и доказите на Обвинителството преку приложените комуникации го потврдува тоа. Со ова, Јовановски пред судот сакаше да ги побие фактите на обвинителката Ивана Трајчева дека тој лажел дека има поддршка.

Обвинетата Фросина Ташевска-Ременски негираше вина и посочи дека според анти-криминалистичката теорија, постапувањето на обвинителката Ивана Трајчева е злоупотреба на службената положба и овластување. Таа кажа дека постапката за „Меѓународен сојуз“ не е водена според законот: „Целта не е потрага по објективната вистина, туку спротивно, а тоа треба да добие процесно руво. Изигрувањето на истражните верзии, ја изигрува и судската верзија. За правилна пресуда и изигрување на замките, судот треба да има судска верзија и така ќе биде отворен за докажување на кривичното дело“. Според неа, Трајчева се обидува да симулира кривично дело.

Бојан Јовановски-Боки 13, неговиот татко Миле Јовановски и асистентката Христина Блажевска се невини, посочи неговиот адвокат Сашко Дуковски пред судот. Тој рече дека има договор помеѓу ‘Меѓународен сојуз’ кој бил склучен со две фирми, а Обвинителството сака да посочи дека тој е направен за да биде направена измама и додаде: „Јас такво нешто немам видено“. Дуковски кажа дека договорот е граѓанско-правен однос, а за негово неисполнување не може да се одговара кривично.