СДСМ и ДУИ трошат милиони народни пари на луксуз и лоповлук, во период кога ги лажат вработените во образованието дека нема пари за покачувањето кое им следува, велат од ВМРО-ДПМНЕ како реакција на изјавите на премиерот, Димитар Ковачевски.
Според опозициската партија, пари во Македонија има, само, како што велат, Владата треба да престане да краде и да се луксузира.
„Има 930 илјади евра народни пари за физибилити студија на Мухамед Зеќири, а нема за наставниците.
Има 1.370.000 денари за мебел, 590 илјади денари за подароци и 350 илјади денари за цвеќиња во МНР, а нема за повисоки плати за вработените во градинките.
Има 15.400.000 за канцелариски мебел во МВР кај Спасовски, а нема за усогласување на платите согласно минималната плата.
Има 2,5 милиони евра за набавка на нови луксузни автомобили, а нема за повисоки плати согласно Колективниот договор“, се посочува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.