Македонскиот бенд „Меморија“ денес во ресторанот „Пелистер“ го најавија концертот што ќе се одржи на стадионот на АРМ на 11 јуни. Ова ќе биде прв концерт на култниот поп-рок бенд по пет години пауза, откако пееја во Скопје во 2017 година.
„Солзите, емоциите и љубовта од концертот во „Метрополис“, место кое сега го нема, беше причина за повторно да се собереме и да ја израдуваме публиката со нов концерт. Ветуваме одлична забава и сите се поканети“, рекоа од култнит бенд Меморија. На пресот беа цела постава: Перо Камиказа, Поце Икономов, Ристо Самарџиев, Валентино Скендеровски, Димитар Божиков, Бане Поповиќ и Сашо Ангелов, кои сега имаат и засилување со Давор Јордановски, кој дојде од Торонто, Канада.
Публиката ќе може повторно да ги слушне големите хитови како „Нена“, „Одам засекогаш“, „Оган под ѕвездите“, „Нашите слики“, „Зошто Боже“, „Дирлада“, „Снежо-Снежана“ и многу други.
„Замислена како своевидна концертна матурска рок ен рол забава на генерациите. И на оние некогашните, кои паметат многу посреќни времиња и овие сегашниве кои ги живеат најубавите години од својата младост, но и оние чии тинејџерски години допрва доаѓаат, концертот на „Меморија“ ќе биде многу повеќе од само обичен „Open air“ рок концерт. Ќе биде сплотена енергија на неколку генерации како знак на заедништво и верба во вистинските вредности. И музички и човечки“, рекоа членовите на „Меморија“.
Самарџиев и Поце ги изненадија гостите кога заедно ги запеаја легендарните песни „Нашите слики“ и „Оган под ѕвездите“, па најавија дека специјални гости на концертот рекоа дека ќе бидат Ружица и Ивица од групата „Ареа“ и Венко и Сеат Јакупи од „Конкорд“ за да ја отпеат „Високи штикли и црни чорапи“. Не го заборавија на нивниот пријател, музичарот Аки Рахимовски кој почина лани, па ветија дека ќе му оддадат почит на концертот.
За потсетување, „Меморија“ последниот концерт го одржа во ноември 2017 година во Метрополис арената за да одбележат 25 години од нивниот последен заеднички настап. Бендот тогаш настапи во оригиналниот состав, Перо Камиказа, Поце Икономов, Валентино Скендеровски, Димитар Божиков, Бане Поповиќ и Сашо Ангелов и направија вистинска ноќ за паметење, а публиката неколку пати ги врати на бис и не сакаше да ги пушти да си заминат од сцената.
Текст и фто: Љубиша Владиниров