Боемската улица како уметничка галерија на отворено

пред 3 години

Утрово Боемската улица во Дебар Маало во Скопје беше претворена во уметничка галерија на отворено. На неа се изложени двесте детски цртежи кои пристигнаа на конкурсот „Пролетните авантури на Халки“, а е организирана по повод одбележувањето на 15 Април – Светскиот ден на уметноста.

Еднодневната изложба потсетува дека креативноста е темел за здраво општество, а уметноста има високо и значајно место во него. Децата преку цртеж праќаат клучни пораки кои возрасните треба да се потрудат да ги прочитаат. Тие се идните творци и уметници, тие се и публиката која ќе знае да ги цени вистинските вредности. Создавањето услови и слобода за детското креативно изразување, значи и градење почит кон уметноста.

– Како банкарски сектор, необично многу ја цениме уметноста. Градејќи ја својата препознатливост и во македонски услови, многу често за нашите проекти знаеме да побараме помош од уметници и креативци. Нашиот слоган е „Важни се луѓето“, а меѓу нив посебна важност имаат оние што творат, креативно се изразуваат, создаваат со помош на своите вештини и имагинација. Како дел од нашата општествена одговорност, се трудиме таа доверба да биде обострана, па често поддржуваме настани, фестивали и случувања што во фокусот ја имаат уметноста. Најдобра и најуспешна е комбинацијата на креативноста и едукацијата за најмладите. Нашата корпоративна култура подразбира вложување и во формалното и неформалното образование и поттикнување на идна публика што ќе ги цени културата и уметноста. Денеска е празник на сите што знаат колку уметноста е важна за секој човек – вели Маја Наумовска Савеска од „Халкбанк“.

Изложбата за сите случајни минувачи во срцето на градот е вистинско пролетно изненадување. Пријатна музичка поддршка даде дуото виолини Петар Поповски и Олгица Шундиќ, а Арта Ќаили од студиото Dancers United изведе модерен балет во слободна импровизација.

15 Април низ светот се одбележува од 2012 година со најразлични изложби, претстави, перформанси и трибини на кои се истакнува значењето на уметноста и во зачувувањето на мирот и слободата.

Share
Scroll to Top