Доколку влезат во НАТО, Финска и Шведска нема да бидат побезбедни отколку што се сега, бидејќи таа организација ќе ги истурка овие земји во првите редови, изјави денеска портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
„Членството во НАТО подразбира откажување од суверенитетот во однос на носењето на одбранбените и надворешно-политичките одлуки“, рече Захарова, а пренесува ТАСС.
Таа додаде дека оваа ситуација настанала затоа што земјите-членки на ЕУ, вклучително и оние со неутрален статус, постепено биле претворени во алатки кои, како што кажа, послушно ги следат деструктивните наредби на САД и НАТО.
Претходно денеска финската министерка за европски прашања, Тити Тупураинен, даде интервју за „Скај њуз“ и зборуваше за евентуалниот влез на Финска во НАТО по руската инвазија на Украина.
Таа рече дека Финска е многу веројатно да аплицира за членство во НАТО додавајќи: „Се чини дека народот на Финска донесе одлука“.