Културно-информативниот центар – Скопје (КИЦ) е една од најстарите културни установи во градот.
„Со долгогодишна традиција во животот на скопјани, годинава Центарот одбележува 55 години од своето постоење. Токму во пресерет на јубилејот се случи промена во раководството на установата, а со тоа и во културните политики на центарот. Почнуваме нова ера во работењето, со нова енергија, ентузијазам, свежи идеи и со јасна визија“, најавува Антонио Димитров, директор на КИЦ.
Како што вели Димитров, програмата е обновена, збогатена, освежена и темелно концепирана, креирана по светски стандарди.
„Акцент ставаме на поддршка на локалната културна сцена, но и на меѓународното вмрежување. Работиме на враќање на старата публика, но и создавање нова, преку неформална едукација, прилагодувајќи се на потребите на младите. На нашата млада публика ѝ треба култура, уметност, музика, повеќе од кога било досега; овие клучни искуства го отвораат патот, нудат пошироки перспективи.
Отвореноста кон уметниците, која е исклучително важна, ќе нѝ биде приоритет во функционирањето. Ги отвораме вратите за веќе етаблирани, но и за нови уметници, писатели, музичари, артисти, чии идеи ќе добијат можност за реализација во нашиот центар. Веќе подготвуваме внимателно избрана ликовна, литературна, музичка, филмска и мултимедијална програма. Уште со првиот проект – градски културен информатор – го враќаме и информативниот аспект на установата. Очекувајте го првиот број наскоро! Оваа година ќе се насочиме и кон реализација на два обемни мултимедијални фестивали, но и на меѓународни соработки и вмрежување со интернационални културни центри. Ќе оствариме отворена комуникација со независната, но и со институционалната културна сцена, со визија за градење на отворена и ризоматска мрежа, која ќе ја поттикне и раздвижи индолентната културна понуда.
Од друга страна, евидентна е потребата од засилен институционален ангажман поради спектарот на проблеми со кои се соочуваат уметничката сцена и креативците: технички, финансиски, инфраструктурни, организациски… Во вакви услови, витална е потребата од установа што ќе го згрижи постоечкиот потенцијал и ќе помогне во надминување на постоечките проблеми. Во овој современ, денешен контекст, во кој е евидентен наплив од тривијална, потрошувачка, хиперкомерцијална, банална култура, нашата главна цел е поставување на цврсти темели за здрава сцена, заснована на изградени творци и едуцирана публика“, нагласува директорот Димитров.