Русија објави планови за ракети кои би можеле да изведат нуклеарен напад врз САД

пред 2 години

Русија планира најдоцна до есен да ја распореди првата воена единица вооружена со нуклеарни балистички ракети „Сармат“, изјави денеска генералниот директор на руската вселенска агенција Роскосмос, Дмитриј Рогозин.

Единицата ќе биде сместена во Ужур, во областа Краснојарск, на околу 3.000 километри источно од Москва. Се вели дека балистичките ракети се способни за нуклеарни напади врз САД.

Рогозин претходно објави видео на платформата Телеграм, на кое се гледа колку побрзо по лансирањето интерконтиненталната балистичка ракета „Сармат“ ја зголемува својата брзина во однос на својот претходник „Војвода“.

На видеото се гледа излезот на возилото со проектили, истрелувањето на ракетите и првите неколку секунди по лансирањето на старите и новите ракети.

Се наведува дека во споредба со „Војвода“, „Сармат“ може да погодува цели на практично неограничени растојанија, пренесува Танјуг.

Русија во средата објави дека ја тестирала интерконтиненталната балистичка ракета РС-28 Сармат, нов додаток на нејзиниот нуклеарен арсенал, за кој претседателот Владимир Путин рече дека ќе им даде на непријателите на Москва храна за размислување.

Нејзиниот прекар е син на Сатана, а Русите тврдат дека тој може да ја избрише Франција од лицето на земјата.

„Сармат“ е нова тешка интерконтинентална балистичка ракета и се очекува Русија да ја опреми секоја со десет или повеќе боеви глави, соопшти Истражувачката служба на американскиот Конгрес.

Ракетата се развива со години и нејзиното пробно лансирање не е изненадување за Западот, но се случи во време на екстремни геополитички тензии поради руската војна во Украина и секако претставува не само демонстрација на моќта на Русија, туку и закана за Западот.

Во секој случај, ова е најмоќната ракета што Путин сега ќе ја има на располагање, а тоа и самиот јасно го кажа по лансирањето.

– Новиот комплекс има највисоки тактичко-технички карактеристики и е способен да ги совлада сите современи средства за противракетна одбрана. Слични нема во светот и нема да има уште долго време – рече Путин.

„Ова навистина уникатно оружје ќе го зајакне борбениот потенцијал на нашите вооружени сили, сигурно ќе ја гарантира безбедноста на Русија од надворешни закани и ќе ги натера да размислуваат оние кои во жарот на бесната агресивна реторика се обидуваат да ја загрозат нашата земја“, додаде тој.

Share
Scroll to Top