Светската здравствена организација (СЗО) денеска соопшти дека е пријавен најмалку еден смртен случај во врска со епидемијата на мистериозна болест на црниот дроб што ги погодува децата во Европа и во САД.
Здравствената агенција на ОН објави дека досега добила извештаи за најмалку 169 случаи на „акутен хепатитис од непознато потекло“ од десетина земји, пишува АП, пренесува Танјуг.
Оваа мистериозна болест е забележана кај деца на возраст од еден месец до 16 години, 17 случаи барале трансплантација на црн дроб, а првите пациенти биле пријавени во Велика Британија каде се разболеле 114 деца.
– Се уште не е јасно дали има зголемување на случаите на хепатитис или зголемување на свеста за случаите на хепатитис кои се јавуваат со очекуваната динамика, но остануваат неоткриени – се вели во соопштението на СЗО.
Експертите велат дека оваа болест можеби е поврзана со вирусот кој најчесто предизвикува настинки, но во тек се дополнителни истражувања.