Народниот правобранител за „Недела на детето“: Одговорноста за децата е на целата заедница

пред 4 години

Сите држави членки на Организацијата на Обединетите Нации (ООН), првата седмица од месец октомври ја одбележуваат како Недела на детето, со цел да се потсетат дека како потписнички на Конвенцијата за правата на детето потребно е да обезбедат услови за целосно имплементирање на принципите и правата кои произлегуваат од оваа Конвенција.

Во таа насока Народниот правобранител како орган кој води посебна грижа за заштита на правата на детето преку посебното одделение за деца и лица со попреченост потсетува дека одговорноста за децата е на целата заедница, на сите нас и дека секоја одлука која се однесува за детето или пак, е во врска со неговите права треба да биде во негов најдобар интерес, без дискриминација и со почитување на неговото мислење.

Упатувајќи апел за подигнување на степенот на чувствителноста на општеството за важноста од почитување на правата на детето, Народниот правобранител нагласува дека сите деца се еднакви во правата, дека на секое дете треба да му се обезбедат услови за нормален живот, топол дом и опкружување, услови да расте со грижата и љубовта од најблиските, непречено да се образува, да има пристап до највисоко ниво на здравствена заштита, како и да биде заштитетно од секаква злоупотреба, насилство или занемарување.

Оваа недела нека биде поттик за сите кои работат со децата или во интерес на децата, посериозно и пoпoсветено да продолжат со активностите за подобрување на состојбата со правата на децата, вклучувајќи ги секогаш кога е тоа можно и потребно, слушајќи го и почитувајќи го нивното мислење, затоа што тоа е еден од начините на кои општеството ќе покаже дека навистина се залага и се грижи за доброто на секое дете.

Share
Scroll to Top